Откако корона вирусот се прошири на светско ниво за да предизвика пандемија, граќаните кои беа принудени да се изолираат или да одат во карантин, се повеќе се вртеа кон сервисите за е-трговија и онлајн пазарење. Тоа го искористија и бројни измамници со оглед на растот на е-трговијата за 25%. Така и измамите во е-трговијата се зголемија со пандемиски размери.
Според последните информации откако беше прогласена пандемијата во март, досега само во САД причинета е штета од 59 милиони долари и илјадници корисници кои паднале како жртви на измами со е-трговија.
Растот на онлајн измами поврзани со електронски трансакции и порачки на производи преку интернет до крајот на првата половина од годинава изнесува 44% во споредба со 2019 година.
Исто така видлива е и појавата на никнување на лажни онлајн трговци на социјалните мрежи. доволно е да креирате страница на Facebook, да поставите неколку слики и бомбастични постови за огромни попусти и ексклузивни зделки за да го привлечете вниманието на потрошувачите.
Во Северна Македонија бројни беа и лажните Facebook страници на познати брендови, банки и маркети кои поставуваа објави дека ќе се делат вредни ваучери, само ако стиснете лајк и ја споделите објавата на профил и во порака до вашите пријатели. Присутни се и лажни профили на кои се продава облека, обувки, модни додатоци, лековити препарати, електроника и многу други производи.
За да се заштитите од ваков вид на измами треба да преземете неколку клучни чекори и да знаете секогаш пред да кликнете на одредена страна или објава на социјалните мрежи да направите проверка на огласувачот. Најпрво проверете ја URL адресата на веб продавницата или профилот на социјалната мрежа.
Барајте податоци дали станува збор за вистински и легитимно регистриран домен или пак за комбинација на зборови од некој познат бренд кој само наликува на официјалната страница, но ги нема истите податоци. Ако е понудата предобра за да биде вистинита, најчесто има и причина зошто е тоа така.
Плаќањата вршете ги директно преку вашата кредитна или дебитна банкарска картичка. Така ќе има запис дека трансакцијата е извршена, наместо да префрлате пари преку посреднички сајтови каде може да се направат поголеми измами со намената на префрлените средства. Ако стане збор за измама многу полесно ќе може да пријавите и да барате оштета.